Карлос Алкараз: Целта ми е првото место на АТП ранкингот

Карлос Алкараз во пресрет на настапот на АТП Мастерс турнирот во Париз тренираше заедно со Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд. Шпанецот се врати по проблемите со повреда, па се очекува да го предизвика Србинот за трофеи на следните турнири. Самиот Алкараз не крие дека целта му е до крајот на годината да дојде на првото место, ама тоа не зависи само од него.
„Се чувствувам подобро, имав неколку седмици да заздравам. Се повредив во Шангај, но одморот ми помогна. Не сум уште на 100%, но сум близу. Имав квалитетни тренинзи со Ѓоковиќ и Руд. Со Новак тоа беше работа со полн интензитет, ова ни беше трет или четврт пат да работиме заедно.
Секако дека мојата цел е да го достигнам првото место на АТП ранкингот до крајот на годината. Работам на тоа да напредувам, ама секако дека се прашува и Ѓоковиќ“, изјави Алкараз.
Во моментов Алкараз сериозно заостанува зад Ѓоковиќ на АТП ранг-листата, па ќе му биде навистина тешко во својата мисија да го достигне до декември.