Акција “Синџир“, 13 притвори, еден куќен притвор и 12 мерки на претпазливост

Притвор за тринаесетмина, а куќен притвор за еден од осомничените лица во случајот „Синџир“ определи Кривичниот суд на претходно барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За преостанатите 12 осомничени во случајот, Судот определи други мерки на претпазливост.
Со акцијата биле опфатени 26 физички лица и 28 компании обвинети за криминално здружување, даночно затајување и перење пари. Шест лица, сè уште недостапни за органите на прогонот. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се сомнева дека субјектите под истрага од 2019 година лажно ги пријавиле своите приходи и расходи со цел да избегнат даноци. Во 2020 година, кон криминалната група се приклучиле уште 7 лица заедно со нивните субјекти.
„Во истражната постапка обвинети се 26 сопственици и директори на 28 фирми, за кои постои сомневање врз основа на фактите дека сториле кривични дела по член 394 кој предвидува казна затвор до 3 години. Според Кривичниот законик за кривично дело даночно затајување од член 279 сторителите ќе бидат казнети со затвор од 1 до 10 години и со парична казна. За кривично дело перење пари од член 273 од Кривичниот законик предвидена е ефективна затворска казна од најмалку 5 години“, наведуваат од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Еден ден по акцијата,од Управата за јавни приходи велат дека оваа група основала нови компании, а сметководителите идентификувале фиктивни фактури со различни надоместоци за враќање на ДДВ. Директорката на УЈП Лукаревска, рече дека десетици други компании ја следеле истата шема за фиктивни пријави за ДДВ.
Во вчерашната акција беше обезбедена дополнителна документација која ќе биде процесуирана од прибраните докази во Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје. Според Финансиската полиција, осомничените исперале околу 8 милиони евра, а штетата во државниот буџет е над 650 илјади евра.
Аднан Ќаили