Мицкоски за албанската опозиција: „Се надевам нема да влезат во играта на ДУИ“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува наредниве две недели да се постигне договор за датумот за избори. Сепак, засега сè уште нема официјална најава дека партиите ќе седнат на заедничка маса за тоа. Мицкоски верува дека ќе преовладеел државничкиот интерес за двојни избори.
„На еден трошок, да не ги оптоваруваме граѓаните со двојни трошоци, да организираме и претседателски и со вториот круг на претседателските и парламентарните избори“, рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата го искоментира и влегувањето во коалиција на албанскиот опозициски блок, односно БЕСА, Алтернатива и Демократското движење.
„Секоја конкуренција на политичката сцена е добредојдена. Јас ценам дека ќе понудат, барем од тоа што го слушам од досегашните пораки, нешто коешто претставува визија за иднината, а не визија за минатото, дека ќе излезат од оваа игра којашто ќе се обидува Али Ахмети и првенците на ДУИ да ја наметнат, а тоа е националистичка-шовинистичка реторика, дека заеднички со граѓаните ќе гледаат напред“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
А, додека сè уште е нејасно кога ќе се одржат наредните избори, работната група на Министерството за правда, во која не учествуваа ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту партиите од албанската опозицијата, ги финализираше измените на Изборниот законик. Измените се очекува наскоро да се најдат пред пратениците, па останува да се види дали ќе добијат поддршка од опозицијата. Измените би требало да стапат во сила помалку од шест месеци пред одржување на избори. Сепак, од работната група информираат дека ДИК ќе има доволно време да ги имплементира измените.
„Зависи како ќе договорат политичките партии. Ние не можеме да знаеме што ќе договорат, дали заеднички избори, дали посебни. Мислам дека сме во прав момент, сега е топката кај Собранието“, рече Александар Новаковски – претседател на Работната група.
„По Устав, први избори се претседателските избори и доволно време е за да можат да бидат донесени пред распишување на изборите, затоа што не станува збор за некои големи суштински измени, за да не можат чинителите и учесниците во изборниот процес да го спроведат тоа“, вели Викторија Мадиќ – заменик министер за правда.
Од работната група појаснија дека тие не биле задолжени да разговараат за датумот за изборите, туку единствено за препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а тие се однесуваат на начинот на финансирање на партиите, заштита на избирачкото право и медиумското претставување.
Лука Андреев