ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Албанската опозиција го демантира Артан Груби за преминот Лојане-Миратовац

Европскиот сојуз за промени го демантира првиот вицепремиер Артан Груби за границата Лојане-Миратовац. Од албанската опозиција велат дека ситуацијата на терен е сосема поинаква од она што го претставува Груби бидејќи – велат – на теренот не се случува ништо.

Advertisements

„Господинот Груби бомбастично објави дека таму е пуштен интернетот и вие новинарите можете да излезете да го видите теренот, да проследите дека тоа што го зборува нема врска со реалноста. И на крај вината ја префрли кај Србија, а од друга страна кога се работеше за Отворен Балкан многу брзо стапија во контакт со Вучиќ, па дури и заедно маршираа низ улиците во Македонија покажувајќи му на Вучиќ дека важни се спомениците. Што се однесува до работата на границата, нема комуникација. Мислам дека не влегоа за да ги решат проблемите на Албанците кои ги засегат и со кои навистина се соочуваат секојдневно, туку влегоа за да отворат што е можно повеќе казина и брзи кредити“, рече Висар Ганиу, Европски сојуз за промени.

Вицепремиерот Груби пред некој ден на средба со граѓаните во Куманово изјави дека сите технички и административни прашања за граничниот премин Лојане – Миратовац се завршени, а сега останува само уште да се убеди Србија да си го заврши својот дел од работата.

„Лојане-Миратовац, го потпишавме договорот со Србија, го одобривме во Влада, го предложивме законот во Парламент, го одобривме законот во Парламент, го изградивме патот, поврзавме интернет и телефон до таму. Српската страна вети дека и тие ќе се ангажираат. Тие немаат витален интерес бидејќи немаат ниту економски, ниту движења на луѓе, ништо што би било интерес на нивната држава, затоа се одолговлекува ова прашање. Сега треба да најдеме начин да ја убедиме и Србија да го направи истото што го направивме ние“, рече Груби.

Отворањето на преминот Лојане – Миратовац е повеќегодишно ветување кое се актуелизира пред секои избори. За од Лојане да се стигне до Миратовац има само 3 километри, но поради немањето премин, патувањето трае 30 километри преку Табановце.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button