Владата не признава дека доцни со ветувањата за првите 100 дена

Многу почнати и недовршени или непроменети прашања од претходниот мандат Владата ги брои како достигнување на првите 100 дена. Премиерот Заев, вицепремиерите и министрите од неговиот кабинет, при отчетот за сработеното во првите 100 дена, не прифатија дека има одложувања во исполнувањето на ветувањата. Иако беше најавена анализа за насоката на борбата против корупцијата во првите 100 дена и јавноста сè уште не ја виде, премиерот вели дека спроведувањето се одвива според планот.
И методологијата за спроведување на т.н. чистење на судството исто така беше ветена дека ќе се донесе во првите 100 дена од мандатот. Во моментов таа е се уште во фаза на разгледување. Министерот за правда објави само дел од критериумите.
„Дел од критериумите би биле неразумното одложување на рочиштата од страна на судиите, непочитување или пречекорување на судските надлежности, застареност на истрагата или издржување на санкциите во судските случаи, неправедна одлука или жалба за застареност од странките, итн.“, рече Бојан Маричиќ – министер за правда.
Во меѓувреме, првиот вицепремиер Артан Груби, на прашањето до каде се предизборните ветувања на ДУИ, тој наведе други достигнувања. ДУИ вети Висок суд за еднаквост, но за него сега од ДУИ велат дека не е потребен бидејќи ветингот ќе ги решел проблемите во судството. Освен во судството, ДУИ вети ветинг за политичарите и функционерите, како и минимална плата од 600 евра за секој здравствен работник, наставник и воспитувач во првите 100 дена од владата. Тоа не се случи, но Груби вели:
„Сите споменати прашања се веќе адресирани. И премиерот и вицепремиерот исто така зборуваа за чистење на судството кое ние го нарекуваме ветинг. Овој процес е веќе започнат и е цел на оваа влада. Што се однесува до платите, вие самите сте сведоци дека имаше зголемување на платите на медицинскиот персонал“, рече Груби.
Алсат објави дека во првите месеци од мандатот Владата не ги исполни ветувањата за кои си постави рок. Покрај горенаведените, потфрли и националната платформа за настава од далечина. Сега од извршната власт велат дека доволен бил методот на комбинирана настава, каде што, велат, биле вклучени 90% од учениците, а другите ќе учат од телевизија. Не се формирани ниту преговарачките групи со ЕУ, а нема ни конкретен план за систематизација на административците кои земаат плата и немаат работно место.
Фатлуме Дервиши