Нов протест на жителите во Чашка, настава немаше ни денеска

Во основното училиште „Тодор Јанев“ на општина Чашка во Велес и денеска немаше настава. Жителите повторно протестираа повторувајќи ги своите барања, укинување на албанската паралела, враќање на образовните ингеренции на општина Чашке, како и преиспитување на работата на директорот и Советот на родители. Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека секој изгубен ден е на штета на децата. Тој додаде дека настанатата ситуација во Чашка и организирањето протести против наставата на албански јазик е поттикната од одредени лица од македонската опозиција, алудирајќи на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравсковски, кој пред неколку дена лично учествуваше на протестите. .
„Според информациите што ги имам, мислам дека има политичка мотивација. Ова го велам затоа што и вие сте сведоци на изјава на пратеник од опозицијата кој повикува на протест и поддршка на оваа иницијатива. Од изјавата на опозицискиот пратеник се гледа дека неговиот повик е против паралелата на албански јазик“, рече Шаќири.
Министерот за образование Шаќири вчера беше во посета на општина Чашка каде меѓу другото на претставниците на родителите им порача дека отворањето на албанската паралела е според законски процедури. Исто така, по состанокот, од Советот на родители соопштија дека добиле ветување од министерот Шаќири дека прашањето за враќање на надлежностите на образованието на општина Чашка ќе биде разгледано во најкус можен рок, но и дека бојкотот на наставата ќе продолжи. Во учебната 2023/24 година во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка учат 210 ученици, од кои 65 се ученици Албанци кои поради немање албанска паралела ја следат наставата на македонски јазик.
Мелихате Рустеми