„Алкалоид“ и СОС Детско село одбележаа една година стратешко партнерство
„Алкалоид“ и СОС Детско село одбележаа една година стратешко партнерство

„Алкалоид“ и СОС Детско село одбележаа една година стратешко партнерство во рамките на кое компанијата донираше 2 милиони денари. Минатиот декември, една од куќите на СОС Детско село, на локалитетот во населба Ченто, беше именувана во „Бекутан куќа“, за која „Алкалоид“ стана клучен помагател и главен поддржувач и со донацијата овозможи непречено функционирање на Куќата и на активностите поврзани со работењето на организацијата и на негувателите. СОС Детско село е организација која во моментов води грижа за близу 500 деца и младинци во земјава кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители.
„Во декември минатата година, во пресрет на нашиот јубилеј – 45 години од постоењето на детскиот бренд ’Бекутан’ – започнавме со таканареченото кумство, т. е., во соработка со СОС Детско село, водиме грижа за пет дечиња на возраст од пет до тринаесет години и за сето она што е потребно околу нивното живеење таму. Во текот на годината се издвојуваше одреден процент од продажбите на нашата детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари, кои ќе му бидат донирани на СОС Детско село. Нашата соработка ќе продолжи и во текот на претстојната календарска година”, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид” АД Скопје.
Јулијана Накова-Гапо, национален директор на СОС Детско село, изјави: „’Алкалоид’ како стратешки партнер на СОС Детско село веќе една година ја поддржува нашата кауза за помош на деца без родителска грижа преку најголемиот македонски бренд ’Бекутан’ и преку кумството на една куќа во СОС Детско село. Влијанието од поддршката на ’Алкалоид’ оди подалеку од финансиската помош – овозможува стабилност и развој. Му благодариме на донаторот за посветеноста на нашата кауза.“
Во рамките на СОС детското село беше прославен и првиот јубилеј на оваа хумана соработка преку изложба на цртежи, кои специјално за пригодата ги нацртаа дечињата од СОС Детско село, на тема „Љубов е…“.