Претпријатието за управување со отпад пред колапс

Гостиварското заедничко претпријатие Русино оди кон колапс. Причината е неплаќање долговите од општинските претпријатија на двете најголеми општини во Полог, Гостивар и Тетово. Кумулативниот долг на двете претпријатија Тетово и Гостивар, но и помалите општини достигнува 10 милиони денари. Иако должниците се пријавени на извршител од страна на Претпријатието Русино, за да се дојде до точка да се подигнат парите од извршителите може да бидат потребни и до две години.
„Помалите општини беа подисциплинирани во плаќањето на месечните обврски, секако имаат и долгови кои изнесуваат 3 милиони денари, но тоа е 30 отсто од вкупниот долг, додека 70 отсто од долгот го сочинуваат претпријатијата на општините на Тетово и Гостивар. Општинските претпријатија ги пријавивме на извршител, но не гледам дека ќе успееме, бидејќи пред нас како претпријатие има многу други кои се во фаза на извршување и можеби после една година ќе дојде редот за извршување за нас“, рече Бесим Догани, директор на претпријатието Русино.
Од друга страна, од општините велат дека поради немање средства склучиле договор за плаќање на рати, но и тоа не се почитува.
„Врз основа на последниот договор со компанијата Русино се договоривме тетовската компанија да го врши плаќањето на рати. Според последните информации што ги имам од директорот на заедничкото претпријатие Русино, тој договор се почитува. Тоа беше пред речиси еден месец. Немам информации во последниот месец дали има доцнења, но ако има доцнења ќе видиме да го решиме овој проблем“, рече Билал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Иако директорот на претпријатието Русино вели дека договорот не се почитува и општината не го плаќа долгот, од општина Гостивар го велат спротивното.
„Јавното претпријатие Гостивар, според договорот, долгот го плаќа на редовни дневни или неделни рати“, велат од општина Гостивар.
Инаку, количината на отпад што се фрла на Заедничкото претпријатие „Русино“ на ден е зголемена од сто на двесте тони дневно, што го отежнува работењето на претпријатието, а и го втурнува во уште поголеми долгови кон операторите кои го уредуваат и покриваат отпадот што се носи од деветте општини на Полог.
Башким Сулејмани