За повеќето граѓани Србија е попријателска кон Македонија отколку ЕУ

Србија со забележителна предност и понатаму останува најпријателска земја според последното истражување на јавното мислење со 38,2 отсто, иако овој број е за околу 7 отсто помал од анкетата пред шест месеци. Европската унија ја гледаат како пријател само 11,1 отсто од граѓаните, што е зголемување за 6 отсто. Потоа доаѓаат САД и Турција. Директорот на Институтот „Преспа“ вака ги објасни добиените резултати.
70% од анкетираните оцениле дека ЕУ е најдобрата алтернатива за земјава, додека 24,1% сметаат дека треба да бараме друга алтернатива. Гледано низ политички партии, симпатизерите на СДСМ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива, ДУИ и Демократско движење, со над 90 отсто ја сметаат ЕУ за најдобра алтернатива. Но, ова го мислат помалку од 60% од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, Левица и партијата „Знам“ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Што се однесува до медиумите и кредибилитетот, резултатите од истражувањето покажуваат зголемување на кредибилитетот на вестите на Алсат за геостратешки прашања и меѓународни односи, додека општиот примат за информирање сè уште го имаат телевизиите. Но, кога станува збор за странските медиуми, најголем дел од граѓаните или 22,2% избираат да се информираат од медиумите во Србија. Зад нив со неколкукратно помал процент се медиумите во Косово и Албанија.
Анкетата била спроведена од 23 ноември до 11 декември со 762 испитаници над 18 години и со маргина на грешка од +-3,5%.
Фатлуме Дервиши