
Штипска Брегалница промовира уште еден новитет за втората полусезона во ПМФЛ и веројатно битката за опстанок. Новајлија во тимот на Горан Здравков е Ремзифаик Селмани. 26-годишниот напаѓач доаѓа во Брегалница по една полусезона во Гостивар за кој одигра девет натпревари во прволигашкото друштво и даде два гола, со една асистенција.
Во Штип на Селмани гледаат како големо засилување, а за тоа зборува и неговото портфолио. Селмани потекнува од школата на Ренова од каде млад беше продaден во унгарски Ујпешт.Потоа следеше враќање во Македонија, заигра за Шкендија, па беше и позајмен во косовски Љапи.
Во 2019 година Селмани се врати во Ренова, каде што беше носител на играта, па три години подоцна направи нов трансфер во Унгарија, овојпат во Мезоковесд. Минатиот февруари го засили албански Партизани, а во јули прејде во Гостивар.
Ова е петто засилување на Брегалница во зимскиот преоден рок, откако претходно пристигнаа Михаил Маневски, Пепи Ѓоргиев, Илија Донов, Ристе Јанков.