Коцевски: Обвинителството треба да биде единствениот орган што ќе се бори против корупцијата

Новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека довербата на граѓаните во Обвинителството ќе ја врати со транспарентност на институцијата што очекува да поттикне и отчетност, одговорност и ефикасност на јавните обвинители.
Во првата изјава за медиумите откако положи свечена заклетва во Собранието, тој меѓудругото рече дека работата на државниот јавен обвинител според него е тешка и одговорна, но со долгогодишното искуство и знаење може да одговори на сите предизвици.
„Во однос на моите понатамошни активностите, во програмата која што ја дадов пред пратениците и пред јавноста основното начело е транспарентноста. Ценам дека самата транспарентност ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста на јавните обвинители во нивната работа и секако тоа ќе ја подобри самата доверба во јавноста. Ценам дека Јавното обвинителство треба да го заслужи местото и треба да биде навистина единствениот орган кој што се бори против корупцијата. Ценам дека ова што го ветувам дека ќе го исполнам. Во однос на транспарентноста еве сега пред јавноста изјавувам дека Јавното обвинителство, а исто и јас, ќе биде отворено за јавноста и секако ќе бидеме во секое време достапни за информации кои се однесуваат на предмети кои што се во интерес на јавноста“, рече државниот обвинител Коцевски.