Независните кандидати со реакција на измените на Изборниот законик

Група независни активисти и членови на совети реагираат на измените на Изборниот законик кои минатата недела беа донесени во Собранието по скратена постапка, а предвидуваат измени што влијаат на потенцијалното учество на независни кандидати во наредните изборни процеси. Со измените, наместо 1 000 потписи од регистрираните избирачи во конкретната изборна единица, претендентите за пратеничката функција ќе треба да обезбедат најмалку еден отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во изборната единица каде што се кандидираат.
Независните кандидати, како што велат во денешното соопштение, „на подмолен начин и без консултации и јавна расправа, спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик, со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво“.
„Поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите други, измените го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1 000 потписи на еден отсто од запишаните избирачи“, се додава во соопштението.
Оттаму потсетуваат дека ваква измена, истиот овој парламентарен состав, се обидел да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување голем дел од новите независни кандидати, но обидот бил блокиран од голем број амандмани.
Групата независни активисти и членови на совети низ Македонија бараат веднаш да се отстранат, како што велат, апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори.