
Напаѓачот на данскиот суперлигаш Хвидовре, Лирим Ќамили, добива шанса да дебитира во дресот на Македонија, откако се најде на списокот на селекторот Благоја Милевски за пријателските средби против Молдавија (22 март) и против Црна Гора (25 март) закажани за во Анталија.
Станува збор за 25-годишен напаѓач, роден во Данска, но со македонско државјанство, кој годинава постигна три гола на четири натпревари. Македонскиот предводник во националниот тим го врати и дефанзивецот Дарко Велковски, откако најде клупски ангажман и заигра за романскиот прволигаш Динамо од Букурешт.
„Натпреварите против Молдавија и Црна Гора ни се многу важни во подготовките за следните квалификации, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. На тренинзите и натпреварите треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто. Тоа ќе го барам од сите во тимот. Фокусот ќе биде на тактичките замисли и на тоа како треба да изгледаме во Лигата на нации. Сакам да дојдеме до игра во која ќе бидеме рационални, паметни, агресивни, компактни и фокусирани“, изјави селекторот Милевски.
Собирот на репрезентацијата на Македонија е закажан во Анталија на 18 март.