Граѓаните најмалку им веруваат на Обвинителството и судството

Граѓаните најмалку им веруваат на Обвинителството и судството (9 отсто) и на Собранието (12 отсто), додека најголема доверба од 44 отсто имаат во Армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, полицијата со 28 отсто, па Претседателот на државата со 24 отсто. Владата традиционално е на средина на рангирањето со доверба од 18 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар 2024“ што го спроведе Центарот за европски стратегии – Евротинк.
„Во ова мерење има мал раст на довербата во полицијата која е институција во фокусот на овој проект. Традиционално Армијата и религиозните заедници се наоѓаат на првите две места, а полицијата на четврто, но овој пат е на трето место. Потоа следат претседателот на државата, невладините организации и безбедносно разузнавачки институции. Владата е некаде на средина со 18 проценти доверба, ДКСК и народниот правобранител се со доверба од 15 и 13 отсто и на дното се Собранието, судството и Обвинителството. Има мало враќање на довербата кај Обвинителството и судството кои претходно имаа доверба од 7, односно 6 отсто“, рече Александар Стојановски од Евротинк.
Нагласи дека во мерењето има доминантно изразена недоверба, освен кај првите две институции. Кај полицијата има генерално подобрување на перцепцијата на испитаниците освен во делот на работата на управните служби за издавање на лични документи.