Мицотакис повлече црвени линии за соседите – Северна Македонија, Албанија и Турција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за грчкиот весник „Македонија“ ги исцрта црвените линии на Грција кон соседните земји Северна Македонија, Албанија и Турција.
Три недели пред европските избори, грчкиот премиер во интервју за „МтК“ упати строга порака до раководството на Северна Македонија: „Новиот претседател на Северна Македонија направи нелегален и провокативен избор да го прекрши официјалниот текст на нејзината заклетва и ја нарекуваат државата под друго име од она што е дефинирано со Уставот на самата соседна држава. Според тоа, не го прекрши само Договорот од Преспа, туку и Уставот на својата земја“, нагласува тој.
-Од наша страна го повикуваме новиот претседател да избегне слични незаконски и провокативни изјави, кои секако категорично наведуваме дека нема да ги прифатиме. Се подразбира дека европскиот курс на Скопје зависи од чесното почитување на договореното. Затоа, раководството на Северна Македонија мора да сфати дека од пријателството со Грција треба само да профитира, вели Мицотакис во интервјуто.
Тој беше дециден и повтори дека нема да ги ратификуваат Меморандумите се додека не раководството на Северна Македонија доследно не ги почитува одредбите од Преспанскиот договор.
-Очигледно го почитуваме она што е договорено во меѓународен договор. Но, донесувањето на нејзините поединечни меморандуми зависи и од другата страна. И, пред се, од тоа колку ќе се покаже доследна во меѓународните обврски. Значи, очекуваме да го одржат договореното. И ние како држава која има континуитет и доследност ќе го направиме пропишаното соодветно, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер се осврна и на отворените прашања со Албанија кои се заострија откако албанскиот суд го осуди на две години затвор градоначалникот на Химара Фреди Белерис под обвинение за купување гласови, по што Грција се закани дека ќе го блокира пристапниот процес на Албанија кон ЕУ.
-Прашањата во грчко-албанските и евроалбанските односи, секако, остануваат. А, премиерот на Албанија не може да ги заобиколи условите за пристапување на неговата земја во ЕУ: прво, почитувањето на владеењето на правото, кое е предвидено во член 2 од Договорот за Европската унија. Ќе бидам јасен: со незаконскиот истражен притвор на избраниот градоначалник на Химара, а сега кандидат на НД за Европскиот парламент, Фредис Белерис, Албанија ја нарушува вредноста на владеењето на правото, укинувајќи го неговото очигледно право да му се суди на основата на презумпцијата на невиност. Според тоа, ова не е само билатерално, туку првенствено европско прашање. И бидејќи пристапниот пат на Албанија зависи од почитувањето на основните права на грчкото малцинство, тој неминовно минува низ нашата земја.
Во однос на отворените прашања со соседот Турција, Мицотакис подвлече дека меѓу двете земји во односите има голем напредок, на полето на економијата, инвестициите, туризмот, соработката во здравство и миграциите, но неговата четврта по ред средба со турскиот претседател Ердоган не донесе конкретно решение за деценискиот спор меѓу двете земји за островите во Егејот и демилитаризацијата на воздушниот и морскиот простор во Источниот Медитеран.