Балансерот ќе се замени со закон за правична и соодветна застапеност
Балансерот ќе се замени со закон за правична и соодветна застапеност

Идниот вицепремиер од редовите на коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити, рече дека инструментот кој овозможува и води сметка за правична и соодветна застапеност на етничката припадност во државните институции, или познат како балансер, ќе биде заменет со закон за правична и соодветна застапеност. Според Меџити, овој механизам не беше ефикасен во последниве години.
„Прво, заеднички ќе констатираме дека балансерот не функционирал во последните години. Значи, на почетокот ги даде вистинските ефекти, но во последниве години го даде спротивниот ефект. Знаеме дека имало многу случаи кога Македонците биле претставувани како Албанци или Албанците како Турци. Значи, тоа не беше во функција на правична застапеност на немнозинските заедници во Македонија. Значи, тука се согласуваме. И не се деградира, туку се издигнува на повисоко ниво. Затоа, ова треба да биде регулирано со закон за да биде законска норма на соодветна и квалитативна застапеност “, рече Изет Меџити, ВРЕДИ.
Укинувањето на балансерот веќе е дел од владината нацрт-програма, за која се очекува да се гласа во Собранието во текот на викендот.
„Со почитување на уставното начело за соодветна и правична застапеност на граѓаните припадници на сите заедници во Македонија, Владата ќе ја измени постојната регулатива со цел да се укине алатката „балансер“ при вработувањето. На овој начин, првично ќе се почитуваат личните, професионалните квалитети, компетенциите и меритократскиот систем при вработувањето во државните институции“, се вели во Предлог-закон на Владата.
Европскиот фронт се противи на укинувањето на балансерот, оценувајќи дека се прекршува Охридскиот договор.
„Последната најава на мандатарот Христијан Мицкоски за укинување на механизмот за балансирање е директен удар врз Охридскиот договор, како еден од главните столбови за стабилноста на државата и меѓуетничките односи во земјата“, велат од Европски фронт.
Укинувањето на овој инструмент е и препорака на Европската Унија. Според Народниот правобранител, Насер Зибери балансерот не треба целосно да се укине, туку да се унапреди или замени со кој било друг инструмент. Основната цел на овој инструмент, кој се заснова на Охридскиот договор и Уставот, е спречување на дискриминацијата./Алсат.мк
Суад Бајрами