Обвинителството се жали на немање кадар

Извештајот за работата на јавните обвинителства во 2023 година се најде пред пратениците во собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Извештајот го презентираше државниот обвинител Љупчо Коцевски кој ги спомена главните проблеми со кои се соочуваат обвинителствата – недоволниот буџет од државната каса за функционирање на обвинителството, проблемот со просторните капацитети, но и недостатокот на обвинители, службеници и истражители.
„Како што секој јавен обвинител треба да има тим, така, како што секој хирург треба да има тим, така и јавен обвинител треба да има тим што значи да има истражител, да има јавнообвинителски службеник, приправник, за да може јавниот обвинител да работи. Во моментот тоа го немаме, имаме навистина големи проблеми„, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.
Извештајот најостро го криткуваа пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а пратеникот Драган Ковачки, прстот го впери кон поранешниот државен обвинител Љубомир Јовески.
„Катастрофална е состојбата во делот на борбата за правда и тоа вие сте свесен, овој извештај кој вие ние го презентирате овде не е ваш, ова е извештај на Љубомир Јовески, човекот којшто за жал имаше пакт со претходната власт да стане уставен судија. За среќа на граѓаните тоа не се случи, поради упорноста на ова парламентарно мнозинство сега, а во тоа време опозиција„, рече Драган Ковачки пратеник на ВМРО-ДПМНЕ,
И пратеничката од редовите на власта Благица Ласковска рече дека во изминатите седум години сме имале партизирани судски инстанци, истакнувајќи дека секој оној којшто работел спротивно на законот треба да заврши во затвор.
„Време е овој народ да ја види правдата, време е тие што земале од граѓаните да вратат и да лежат затвор, време е мерката во Македонија ли сте и затворски туризам да смејурија од казна, да престане и доколку овозможува законот да одговара, а ние како пратеници ви стоиме на располагање да смениме закон таму каде што вие мислите дека треба„, рече Благица Ласковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Минатата недела пак во истата собраниска комисија остро беше критикуван и извештајот за работата на судскиот совет, кога повторно пратениците од власта беа најгласни, критикувајќи ја работата на советот. Уште од доаѓањето на власт ВМРО-ДПМНЕ најавува реформи во судството и одговорност за сите оние кои го прекршиле законот./Алсат.мк
Михаило Донев