Министерот за безбедност на БиХ, Нешиќ уапсен поради корупција

Ненад Нешиќ, министер за безбедност во Советот на министри на Босна и Херцеговина, е уапсен поради корупција, потврди Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Нешиќ е приведен во петокот, на 26 декември, во истрагата што заеднички ја воделе Државното обвинителство и Управата за организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, соопшти Обвинителството.
Освен Нешиќ, уапсени се и Милан Дакиќ, директор на Јавното претпријатие „Патишта РС“, Младен Лучиќ, брат на поранешниот министер во Советот на министри на БиХ, Милош Лучиќ и уште четири лица. Тие се сомничат дека како управители во „Патишта РС“ и неименувана фирма сториле кривични дела: здружување за извршување кривични дела, перење пари, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп.
Министерството за внатрешни работи на РС соопшти дека акцијата „Тунел 2“ се спроведува во Бања Лука, Источно Сараево и Бјелина и дека се во тек претресите на станбените и деловните единици што ги користеле приведените.