Муцунски бара ЕУ да дефинира како ќе постапи со Македонија, очекувајќи поглавјата да бидат отворени годинава

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски смета дека крајно време е Македонија да продолжи по европскиот пат, но побара од Унијата да донесе стратешка одлука за тоа како во иднина ќе постапува кон Македонија, но и кон регионот. На средбата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ рече дека поминале две децении во кои земјава направила компромиси, додавајќи дека се подготвени за дијалог со добра волја и изнаоѓање рационално решение.
„Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример, како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко“, рече Муцунски.
Муцунски рече дека очекува поглавјата конечно да се отворат оваа година. Амбасадорот Рокас на средбата истакна дека оваа година ја очекува со оптимизам.
„Се надевам дека годинава нема да се однесува „само на сечење ленти“, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме. Делегацијата на ЕУ ќе ви помага во унапредување на важната реформска агенда. Имаме ново раководство во ЕУ, процесот на проширување беше реенергизиран и имавте можност да ги проширите дискусиите. Пораките се охрабрувачки, има многу разбирање и заедничка волја да се движи процесот во Брисел“, му порача Рокас на Муцунски.
Состанокот во МНР доаѓа самo еден ден по настапот на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во Брисел во кој таа беше јасна што се очекува од Скопје.
„Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме да продолжиме на тој пат“, вели еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Годинава се означува неславен јубилеј за европските интеграции на Северна Македонија – 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, а се уште неотворени преговарачки поглавја. Последни во серијата услови се уставните измени.
Фатлуме Дервиши