Мицкоски: Не отстапувам ни милиметар од ставот за уставните измени, бараме достоинствено решение

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот во однос на уставните измени во контекст на продолжување на преговорите со Европската унија, потенцирајќи дека се бара достоинствено решение, а тоа се уставни измени со одложено дејство. Прашан да ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер од Вреди, министерот за здравство Арбен Таравари, Мицкоски кажа дека не се спротиставувал на изградбата на Коридорот 8, но дека бил против Преспанскиот договор.
-Можеме да зборуваме за уставни измени, но во исто време можеме да зборуваме и за други работи што ние ги бараме, што се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ позади којашто застанаа повеќе од половина милион граѓани. Јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина. Бараме решение, достоинствено решение. Имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени се одложено дејство, повелете да разговараме, истакна Мицкоски на прес-конференција во Владата.