Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок

Уставен го поништи законот за солидарен данок – ова значи дека државата ќе треба да им ги врати парите на компаниите кои ги оданочила. Станува збор за 156 фирми на кои државата ќе треба сега да им врати околу 50 милиони евра. Претседателот на уставен рече дека одлуката е донесена бидејќи со овој закон биле направени повеќе правни повреди.
„Поради повреда на владеењето на правото односно нејзините фундаментални принципи, правната предвидливост и правната сигурност на субјектите во правото, тоа е една од повредите, ретроактивното дејство на самиот закон, погрешната примена на европската директива и селективната солидарност“, рече Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.
По оваа одлука на Уставен, фирмите кои сметаат дека се оштетени од овој закон во наредните пет години ќе можат да си ги бараат парите назад.
„Значи секој што смета дека со тој закон кму биле повредени правата има право да бара од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои му се повредиле правата“, рече Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд.
Прашање: „Во рок од пет години?
„Во рок од пет години од објавувањето на нашата одлука во Службен весник“, вели Костадиновски.
Данокот на солидарност беше воведен од минатата власт како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. Ваквиот Закон пред Уставен беше оспорен со повеќе иницијативи, меѓу кои од Стопанската комора, Стопанската комора на Северозападна Македонија и неколку други поединечни фирми.
Михајло Донев