Трошановски: Постои голем отпор за уставните измени, треба да заземеме проактивен пристап во процесот

Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ поддржуваат 20 проценти од испитаниците во анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровеле Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
-Останатите се доста поделени помеѓу: статус кво, повлекување од процесот и промена на Преговарачката рамка. Интересно е да се забележи дека граѓаните не го перципираат толку процесот како задоволување на условите од соседите, туку повеќе гледаат на некоја реформирачка и демократска вредност на процесот, значи процесот повеќе го гледаат како усогласување со стандардите и законите на Европската Унија, изјави Анамарија Велиновска истражувач во Центар за европски интеграции при ИДСЦС пред презентацијата на наодите од истражувањето.
Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, соопшти дека „постои голем отпор за уставните измени како услов за отпочнување на преговорите“ и смета дека државава треба да заземе проактивен пристап во процесот.
-Треба да знаеме и дека противење кон нив по секоја цена и повторување на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси, смета Трошановски.
Давајќи, како што рече, политички коментар за овие наоди, тој порача – „мора да работиме посветено на изнаоѓање решенија“ и „од Европската Унија да бараме модалитети коишто ќе ни гарантираат пообјективен и попредвидлив процес на преговарање“.