
Централната тема на агендата на мартовскиот Европски совет ќе биде конкурентноста, но ќе продолжиме и со адресирање на неодамнешните случувања во врска со Украина и следните чекори за одбраната по презентацијата на „Белата книга“ за иднината на европската одбрана, наведува претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, во поканата упатена до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот на ЕУ закажан за 20 и 21 март во Брисел.
„Нашата континуирана поддршка за Украина, потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Поконкурентна Унија ќе значи посилна Унија, која ќе биде поспособна да ги заштити своите граѓани, своите интереси и своите вредности на глобалната сцена“, посочува Кошта во поканата.
Во однос на конкурентноста, тој како приоритетни области за нејзино зајакнување ги наведува решителното напредување во поедноставување на процедурите, обезбедувањето енергетска сигурност и создавањето на Унија за штедење и инвестиции.