Во Кривичен продолжува судењето за убиството на Вања и Панче, сведочи Палевски

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со почеток во 10 часот во Основен Кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски. Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на бранителот на Палевски, адвокат Јовица Страшевски.
Судијата Ивица Стефановски тогаш информираше дека добил поднесок од бранителот на Палевски, адвокат Страшевски, со медицинска документација и барање за одложување. Судијата посочи дека ова е прво вакво барање, но доколку се повтори во иднина ќе назначи адвокат по службена должност.
Денешното рочиште треба да продолжи со сведочење на првообвинетиот Љупчо Палевски. На минатото рочиште, Палевски одговарајќи на прашања од неговиот бранител Страшевски негираше одговорност за двојното убиство, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури.
Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија. Палевски ги отфрли обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, денот кога, според Обвинителството, бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста.