Вработените во Инспекторатот за јазици четири месеци немаат добиено плата

Бојкотот на работата во Инспекторатот за употреба на јазиците започна, откако 17 вработени веќе четири месеци немаат земено плата, дознава Алсат. Вработените исто така останале и без пензиско осигурување, а што е уште потрагично и без здравствено осигурување. Поради ова, во текот на овој период, вработените биле принудени сите здравствени услуги во болниците да ги плаќаат приватно. Вицепремиерот Изет Меџити, на 7 април годинава им даде надеж на вработените дека е најдено решение за прашањето со платите.
„Што се однесува до платите, мислам дека денеска ја земаат првата плата, а другите две ќе ги добијат етапно“, рече Меџити.
Но од ветувањето до денес поминаа 17 дена, а не се знае и уште колку месеци ќе поминат додека работниците да ја добијат платата. Неизвесна е судбината на Инспекторатот во моментов.
Негрижата од страна на државата кон оваа институција за заштита на употребата на албанскиот јазик во институциите кулминираше. Функционерите и политичарите се сеќаваат на неа само на свечени моменти, само за да се пофалат пред граѓаните, удирајќи се в гради дека изградиле институција со значење за албанската заедница.
Но во реалноста е дека оваа институција во моментов е нефункционална, во права смисла на зборот. За тоа не сведочи само фактот што вработените се оставени без плати веќе четири месеци, туку ситуацијата стана алармантна до тој степен што Инспекторатот дури нема ни материјали за извршување на основните задачи.
Како тоа да не е доволно, според информациите на Алсат, од септември минатата година, на Инспекторатот му се преполовени и канцелариите – односно од 6 се намалени на 3. А да не зборуваме за тоа што државата со години го игнорира скромното барање на инспекторите за едно службено возило. До сега, инспекциите на терен се спроведувале со приватни автомобили, на приватен трошок.
Хаосот со Инспекторатот за јазици е создаден по измените на Законот за инспекциски надзор, усвоени во декември минатата година, со кои на сите инспекторати им се укинува правниот статус и се ставаат под надлежност на министерствата. Ова важи и за Инспекторатот за употреба на јазиците, и покрај тоа што неговиот правен статус е загарантиран со посебни членови во Законот за употреба на јазиците и Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците.
Инспекторатот моментално се наоѓа во апсурдна ситуација, и има, и нема правен статус.
Вицепремиерот Меџити, по ова најави дека кон средината на април ќе се предложи ново законско решение со кое ќе се регулира статусот на Инспекторатот, со цел тој да не биде во рамки на министерство, туку во рамки на Агенцијата за примена на јазиците, но засега нема ништо од ова ветување.
Суад Бајрами