ЗАБАВАМЕТРОПОЛ

Што се крие зад личноста на инфлуенсерите? Науката има одговор

Сѐ повеќе млади луѓе сонуваат да станат инфлуенсери, но се чини дека одредени видови личности имаат поголема веројатност да ја изберат оваа „професија“, што може да објасни многу за хаотичната и често контроверзна природа на индустријата.

Advertisements

Ова е тема што вреди да се истражува. Уште во 2019 година истражување спонзорирано од „Лего“ открило дека една третина од 3.000 деца од САД, Велика Британија и Кина изјавиле дека сакаат да станат инфлуенсери, додека само 11 отсто сакале да станат астронаути.

Што значи овој моќен тренд за општеството? Во ново истражување објавено во списанието „Телематикс енд информатикс“, истражувачи од Универзитетот во Вроцлав (Полска) и Универзитетот „Оксфорд“ откриле дека младите личности кои се екстровертни, себични и драматични, имаат поголема желба да станат инфлуенсери за разлика од нивните посмирени и поповлечени врсници.

Истражувачите вклучиле речиси 800 учесници на возраст од 16 и 17 години, половина од Полска, а другата половина од Велика Британија. Тинејџерите одговарале на прашања поврзани со нивните кариерни амбиции и работата од соништата.

Истовремено, тие пополнувале прашалници што ги проценувале таканаречените „големи пет“ карактерни особини: отвореност, совесност, екстроверзија, пријатност и невротичност, како и колку се склони кон хистерија, односно драматично однесување.

Истражувањето покажало дека личностите со висока екстроверзија, нарцизам и хистерични црти, наклонетост кон драматично и експресивно однесување, имаат значително поголема желба да бидат инфлуенсери. Овие особини се поврзани со желбата да се биде забележан и признат од другите, слично како кај децата што се занимаваат со театар, што можеби укажува дека денешните млади актери се утрешните инфлуенсери.

Иако досега имало истражувања за тоа како публиката ги перципира личностите на креаторите на содржини, ова истражување е меѓу првите што се фокусира на карактеристиките што ги мотивираат луѓето да се стремат кон инфлуенсерската кариера, или барем да се обидат, бидејќи за многумина тоа и не е така лесно остварливо.

Извор: Futurism.com

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button