Немањето на Бадентер го попречува и одобрувањето на Изборниот законик

Немањето на Бадентер од Собранието го попречува и одобрувањето на Изборниот законик и не е јасно дали застојот може да се реши пред локалните избори. Европскиот фронт е решен да не ги поддржи измените на Изборниот законик, за кои велат дека се носат без консензус.
„Не прифаќаме тајни договори, договори без консензус со сите партии, особено со најголемите албански партии, без јавна дебата, затоа сметаме дека овој закон треба да има поширок спектар на јавна дебата, да биде во соработка и договор со сите политички партии и треба да се најде решение“, рече Дијана Тоска, Европски фронт.
На прашањето дали партиите треба да седнат и да најдат решенија, вицепремиерот Меџити вели дека партиите треба да седнат за повеќе прашања.
„Добро е политичките партии почесто да седнуваат, и за дневни политики и за стратешки политики. Ние сме подготвени да седнеме и да бидеме стабилизирачки фактор, фактор што помага во ситуацијата. Во меѓувреме, прашањето за Бадентер има врска со некои други прашања што парламентот треба да ги постави, а кои се во интерес на Албанците“, рече Меџити.
ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и СДСМ бараат измени на Изборниот законик и регулирање на одредбите што Уставниот суд ги укина а во врска со независните кандидати на изборите. Уставниот суд во мај одлучи дека условот да се соберат најмалку 1% од потписите на гласачите во изборна единица, односно во соодветната општина од страна на независните кандидати, го поткопува плурализмот и основните уставни вредности. Партиите сега се принудени да ги вратат и изменат старите одредби што предвидуваат дека независните кандидати мора да соберат 1.000 потписи за парламентарни избори и од 100 до 3.500 потписи за локални избори, во зависност од бројот на гласачи во општината. Предлагачите велат дека се вклучени и неколку препораки на ОДИХР.
Според Европскиот фронт, ОДИХР препорачала да се преиспита процесот на донесување одлуки во ДИК при разгледување на изборните приговори и да не се прекинуваат гласачките места поради технички грешки во записниците, препораки за кои велат дека ги нема во нацрт-законот. Измените се одобруваат со мнозинство од најмалку 61 пратеник. Иако дебатата заврши порано од предвиденото, гласањето беше одложено, бидејќи законот бара да има и Бадентерово мнозинство за членовите кои се поврзани со локалните избори. ОДИХР препорачува Изборниот законик да не се менува најмалку шест месеци пред изборите и да се изготви целосно нов Изборен законик. Министерството за правда вели дека веќе формирало работни групи за новиот закон.
Фатлуме Дервиши