Извршен претрес во фирмата „Инвока“, преку која Рашковски набави сообраќаен софтвер

Обвинителството за организиран криминал и корупција направи претрес во фирмата „Инвока“, преку која Драги Рашковски, како поранешен генерален секретар во Владата, набави софтвер за „определување просечена брзина на возилата“. Истражителите од обвинителството попладнево си заминаа со две вреќи документи.
Од обвинителството со кое шефува Вилма Русковска велат дека постапуваат под допрен глас. Случајот бил во предистрага и затоа не можат да споделат повеќе информации, освен тоа дека се одземни документи од компанијата „Инвока“. Освен од „Инвока“ биле земени и документи од домот на сопственикот на фирмата која се наоѓа во близина на Народната Банка или Маџир Маало. Софтверот од 81 илјади евра, Рашковски од позиција на ген-сек го купил лани, додека со државата раководеше техничка влада која беше формирана да ги спроведе парламентарните избори. Според Министерството за внатрешни работи, Рашковски го купил софтверот без да се координира со полицијата, а ниту пак МВР имал намера да го користи.
Драги Рашковски посочуваше дека софтверот кој тој го платил со народни пари бил апликативен на сите полициски камери низ градот. Дополнително според јавно достапните информации, Рашковски пред три години патентирал изум „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“.
Порталот „360 степени“, кој објави дека Рашковски го купил софтверот, откри и дека фирмата „Инвока Груп“ е формирана во јуни 2017 – та година или неколку недели откако СДСМ ја презеде власта од ВМРО – ДПМНЕ. Дополнително „360 степени“ откри дека „Инвока“ добила три државни тендери – сите од Генералниот секретаријат додека шеф беше Рашковски. Случајот со набавката на софтверот го истражува и Антикорупциската комисија.
Бојан Стојановски