ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Амбасадата на САД за аферата „Мафија“: Не коментираме истраги во тек

Американската амбасада денеска соопшти дека не сака да дава коментари за истраги кои се во тек. Но, оттаму за Алсат наведоа дека тесно соработуваат со институциите на државава за владеење на правото, вклучувајќи и регионална соработка во борбата против повеќе негативни појави.

„Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност преку зајакнување на граничната безбедност, транспарентноста и можноста да се истражуваат и да се гонат корупцијата, тероризмот и случаите на организиран криминал“, наведоа од Амбасадата.

А, случајно или не со аферата во земјава, денеска турската полиција изврши операција во Истанбул против членови на организирана криминална група со која раководел токму Седат Пекер, осудуван за повеќе дела во Турција, а кој е на врвот на листата на оние кои добиле пасош од Македонија. Биле уапсени 63 лице, но Пекер е во бегство. Неговиот адвокатски тим вчера излезе со реакција до медиумите во земјава тврдејќи дека тој нема фалсификуван македонски пасош со негова фотографија. Меѓутоа, премиерот Заев не негираше дека Пекер е на листата на странци кои добиле пасош со туѓ идентитет.

Во меѓувреме, од ВМРО денеска продолжија да објавуваат детали за Пекер. Додека бил во Скопје имал и полициско обезбедување.

„Македонија под итно треба да побара од Генералниот директорат за внатрешни работи во ЕУ тим за ревизија на аферата „Мафија“, за да се види на кој начин биле издавани овие пасоши, како успеале луѓе со меѓународна потерница да влезат во Македонија и да се санираат последиците..“, рече Антонијо Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Алсат денеска праша во МВР и Обвинителството дали во листата на странците кои добиле фалсификуван пасош се наоѓа и уште едно звучно име од подземјето. Станува збор за иранско – турскиот мултимилијардер Реза Зараб. Тој во 2015 година добил пасош на Македонија со потпис од тогашниот министер, Митко Чавков. Неговиот македонски идентитет е Риза Сараф. Но, во 2016 бил уапсен во Мајами и обвинет за трансакции од стотина милини долари во име на Владата на Иран. Одговор од нашите власти за овој случај не добивме. Од обвинителството не откриваат детали ниту за актуелната истрага, но се добива впечаток дека тие се фокусираат и на нешто друго – кон оној што ја објавил аферата.

„Надлежниот јавен обвинител ќе побара од МВР да обезбеди материјални докази дали и кои лица тие податоци ги направиле достапни на јавноста…“, наведоа од Јавното обвинителство.

Од опозицијата пак, тврдат дека македонски пасош имал и Шпанецот Луи Волина кој во таа држава е веќе осуден на 5 години затвор за трговија со дрога.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button