ВЕСТИРЕГИОН

Договорен текстот на резолуцијата за Сребреница, Србија ги повикува членките на ОН да гласаат против

Договорен е предлогот за резолуцијата за потсетување на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница извршен во јули 1995 година, а за него треба да се расправа на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во мај, потврди амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија.

Лагумџија на социјалната мрежа Икс наведе дека постапката за усогласување на резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, е завршена и таа е испратена до претседателот на Генералното собрание на ОН Денис Френсис, по што нејзиниот текст ќе биде претставен до земјите членки на светската организација, од кои се очекува поддршка.

Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови, ја истакнува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.

Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, да го почитуваат меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата (МСП).

Од генералниот секретар на ОН се бара да воспостави информативна програма наречена „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, која треба да се спроведе веќе до следната година, кога се слави 30-годишнината од тоа злосторство.

Сите земји-членки на ОН, како и невладините организации и граѓанското општество, предлагачи на резолуцијата, истовремено повикуваат на соодветни активности за комеморација и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Како спонзори на резолуцијата се потпишаа највлијателните западни земји и значајните исламски земји, додека Словенија и Северна Македонија се нејзини спонзори меѓу земјите од регионот на Југоисточна Европа.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button