Многу улици во Струга ќе станат паркинзи со наплата

Добар дел од струшките сообраќајници до почетокот на летово ќе бидат претворени во паркинг простор. Локалните власти и општинското јавно претпријатие Еко Струга планираат градот да го поделат на прва зона и т.н. екстра-зона. Од ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека ваквата одлука е спротивна на Законот за урбанистичко планирање, како и на урбанистичките планови на општина Струга и ќе ја оспорат пред Уставен суд. Од опозицијата тврдат и дека парите кои ќе се собираат од наплатата, нема да бидат инвестирани во инфраструктурни проекти како катни гаражи.
„Туку, тие пари ќе се инвестираат во нови 33 вработувања во ова јавно претпријатие кои граѓаните на општина Струга на годишно ниво ќе ги чинат над 80.000 евра. И тоа во време кога ова јавно претпријатие во првиот квартал од 2021 година има пријавено загуба од околу 200.000 денари“, рече Ален Деребан-ВМРО ДПМНЕ-Струга.
Од претпријатието Еко Струга велат дека воведување на зонско паркирање е со цел да се намали метежот во сообраќајот.
„Не станува збор за 30 нови вработувања, туку за законска постапка која како новоформирано претпријатие сме должни до Министерството за информатичко општество да поднесеме план за вработување“, велат од ЈП Еко Струга.
Стружани пак, велат дека во време на криза не им треба уште еден трошок.
„Не се согласувам да има паркинзи во цел град со пари… И така е криза, луѓето немаат пари. Овие само велат дека се за граѓаните, ама се против граѓаните.“
„…Ако е од Скопје, ајде нека му наплати, ама јас да не можам да се паркирам за 10 минути, работи да завршам.“
„Мислам дека не треба да наплаќа за паркинзи, треба да бидат слободни. Подобро е. Пандемија е. Но, не одлучуваме ние, нас никој не нè прашува“, велат граѓаните.
Се предвидува во екстра-зоната, првиот час да се наплаќа по 40 денари, а во првата стартот ќе биде 30 денари. Овие цени ќе важат до 30 септември.
Мики Трајковски