Пратениците се вратија во салата за пленарки, работата може да ја следат само вакцинирани новинари

Собранието се врати во нормала. Денешната седница се одржа во пленарната сала. Пратениците возбудени. На Исмаил Јахоски од ДУИ му пречеше микрофонот. Другите се фотографираа, а претседателот на Собранието Талат Џафери, изненаден од таквата атмосфера, дури и им ги објаснуваше боите на копчињата за гласање.
„Зелени, црвени и жолти копчиња. Зелено-За, црвено-Против, жолто-Воздржано. Гласањето можете да го проверите на екранот пред вас”, рече Џафери.
Во вакви нормални околности, парламентарното мнозинство ветува дека ќе било уште попродуктивно.
„Како општество, земја и институции се враќаме во нормала и на нормална работа. Посакувам да имаме успех и да носиме одлуки кои се во најдобар интерес на граѓаните“, рече Арбер Адеми, пратеник на ДУИ.
Опозицијата смета дека со враќањето во старата сала се избегнува можноста за злоупотреби при пријавување за збор и процесот на гласање.
„Можностите за манипулација на пратениците се мали. Ние имавме бројни реакции до првиот човек на Собранието во врска со пријавувањето за збор, за начинот на гласање, манипулациите во јавноста за тоа кој и како гласал. Сите овие тенденции за манипулација ќе завршат“, рече Сурија Рашиди, пратеник на Aлијанса.
Новинарите кои сакаат да ја следат работата на Собранието од галеријата на пленарната сала, мора да покажат сертификат за вакцинација. Бројот на присутни е ограничен. Изминативе месеци седниците се одржуваа во т.н. Голема сала – под стаклената купола на кровот на Парламентот, а медиумите немаа можност да ја следат работата.
Адриан Керими