Трговските центри ќе си работат во недела

Од први октомври, недела ќе биде неработен ден за сите освен за работниците кои работат во дејности кај кои не може да се стопира производствениот процес. Оние граѓани кои ќе мора да работат во недела ќе треба да добијат најмалку 50 отсто повисока дневница од онаа која ја заработуваат и во текот на следните седум дена да им следува слободен ден. Вработените кои ќе треба да дојдат на работа во недела, треба да бидат пријавени во трудовиот инспекторат од страна на раководителот или сопственикот на компанијата.
„Работодавачите кои ќе го прекршат Законот ќе им се забрани работа од 15 дена и ќе им се издаде прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година забраната за работа ќе биде 30 дена“.
Во недела ќе работат продавници во туристичките центри кои продаваат сладолед, колачи, весници, апетисани и слични производи. Исто така, вработените во продавниците во трговските центри, ќе може да работат само една смена – од 10 до 18 часот.
„За трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници се утврдува надоместок во висона од 2% од вкупниот приход остварен претходната година во недела и во празници кои средства ќе се инвестираат во детски градинки согласно ова законско решение“
Според Владата ваквото законско решение е во интерес на работниците, а со него се задоволни и синдикатите, но и работодавачите. Од како Владата го скрои законското решение набрзо ќе биде испратено до собранието на усвојување.
Ile Petrevski