ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се преговара за прекин на градењето мали хидроелектрани на Шара

Се преговара за повлекување на коцесионерите за изградба на мали хидроцентрали на Шар Планина. Ова денеска го рече министерот за животна средина Насер Нуредини откако дел од планината беше прогласен за национален парк. Според Нуредини, некои од концесионерите размислуваат да се повлечат од намерата да градат, а за другите се надева дека ќе имаат, како што рече, еколошко разбирање. Сепак, преговорите траат.

Advertisements

„Да, има седум одлуки од Владата за концесии. Јас имав разговори со овие концесионери за да се почнат преговорите. Имавме неформален разговор и се надевам дека во многу брзо време ќе имаме и формален договор за да се тргнат. На пример во Лешница ќе се тргнат, но сме во комуникација и со останатите…“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина.

Во наредните три месеци треба да се избере кој ќе раководи со претпријатието Национален парк „Шар Планина“. Мора да се дефинира што и до каде е дозволено да се прави во секој од заштитните појаси. Во Националниот парк ќе има и контроли.

„Ќе се воспостави ренџерска служба, за што разговаравме и со Национални шуми за да се преземат искусни кадри од подрачните единици што работеле во Тетово и во Гостивар, како и стручни лица кои најдобро го познаваат теренот…“, додава Нуредини.

Планот за управување со заштитената зона треба да се донесе за една година. Шар Планина минатата недела и официјално беше прогласена за четврти национален парк во земјава, покрај Маврово, Пелистер и Галичица.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button