Центар за граѓански комуникации: Владата да ги смени приоритетите за набавка на возила

Наместо службени возила на лизниг, двата милиони евра требаше да се наменат за возила кои што ќе се користеа за спасување на човечки животи. Приоритет на Владата треба да биде набавка на амбулантни и противпожарни возила, па потоа да размислува за службените возила, велат од Центарот за граѓански комуникации. Според нив, низ годините наназад постојано се апелира на рационално трошење на државните пари, но ниту една влада досега немала слух да го промени начинот во набавките на службени возила.
„Да се пресмета дали онаму каде што човечките животи се доведени во прашања, а тоа се противпожарните и амбулантните возила дали таму имаме доволно опремени, доволен број на модерни нови возила, а потоа на трето место да се размислува за овие службени луксузни возила. Треба да имаме во предвид дали бројката од 45 од овие најлуксузни возила е неопходна, односно дали 45 официјални лица, службеници, треба да возат вакви возила или треба да се ограничи на две три позиции, како претседател на Собрание на држава, на влада“, рече Герман Филков- Центар за граѓански комуникации.
Во последните три години државата потрошила осум милиони евра за набавка на нови службени возила. Од друга страна, земјава располага со 220 противпожарни возила и 183 амбулантни возила. 70 отсто од противпожарните возила се од минатиот век и имаат старост од 29 до 30 години. Од последната набавка на нови 45 луксузни возила од марката Пасат, ќе бидат користени од страна на министрите и странските делегации во наредните три години. По изминати три години, возилата ќе треба да се вратат на лизниг компанијата.
Андреа Чобанова