РЕГИОН

Заедницата на општини со српско мнозинство може привремено да го блокира дијалогот меѓу Косово и Србија

Дијалогот Косово – Србија во Брисел може да биде блокиран поради разликите околу прашањето за формирање на Заедницата на српски општини на Косово. Од ДСК велат дека оваа тема во овој момент нема да се дискутира во Брисел. Исмет Беќири вели дека Заедницата во никој случај нема да има извршни овластувања и ако Србија никогаш не го признае Косово.

Advertisements

„Во никој случај не смее да има статут на Заедница што дава извршни овластувања и ја создава третата власт на Косово. Ова не може да биде прифатено од наша страна дури и ако Србија никогаш нема да нè признае“, вели Беќири.

Движењето Самоопределување не им верува на изјавите на Хоти дека нема да ја отвори темата на Заедницата, а истовремено го поздравува одложувањето на состаноците во Брисел. Албулена Хаџиу вели дека врз основа на минатото, премиерот Хоти го прави спротивното од она што го вели.

„Тоа е опасен проект што го босанизира Косово, создава мини – држава во земјава и секако ова е голем удар врз суверенитетот и интегритетот на земјата“, вели Хаџиу.

Тиме Кадријај од АИК, кој е претседател на парламентарната комисија за надворешни работи, рече дека Хоти не треба да ја отвора оваа тема во Брисел.

„Никогаш не треба да донесуваме одлуки или да прифаќаме компромиси што го кршат Уставот на Косово“, посочи Кадријај.

Граѓанскиот сектор во Косово вели дека инсистирањето на српската страна да ја отвори оваа тема е само за да го одложи дијалогот.

„За 10 години дијалог постигнати се околу 33 договори и српската страна не ратификуваше ниту еден договор што беше постигнат во Брисел, затоа товарот на одговорноста паѓа кај српската, а не кај косовската страна“, оцени Висар Џамбази- Д4Д.

Минатата недела пропадна средбата во Брисел меѓу премиерот Авдула Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Како причина беше наведена пандемијата со Ковид 19, а не темата за Заедницата.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button