ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Законот за државно земјиште ќе се најде во Собрание кон средината на овој месец

Најголемиот дел од забелешките на земјоделците за законското решение како ќе се продава државното земјоделско земјиште се прифатени од страна на ресорното министерство, тврди министерот за земјоделство Аријанит Хоџа. Финалната верзија на текстот на Предлог законот е веќе испратен до Владата, и Хоџа најавува дека кон средината на овој месец законот ќе биде пред пратениците во Собранието. Државно земјиште не може да купи стратешки инвеститор или странец и да добие дополнителни средства од владата. Најмалку десет години нема да смее да се пренамени земјиштето од земјоделско во градежно. Големината на парцелите нема да бидат ограничени, се со цел и помалите земјоделци да влезат во игра за купување на дел од земјиштето.

Се мислеше дека малите парцели не влегуваат, тоа е тргнато и е ставена посебна рамка за тие што поседуваат поголеми парцели и комисијата односно владата да одредува до кој процент да се остава да го купуваат концесионерите тоа земјиште – изјави Аријанит Хоџа министер за земјоделство.

Предност за купување на државно земјоделско земјиште ќе имаат актуелните земјоделци кои веќе имаат под наем парцели и ги обработуваат. Потоа со бизнис планови заинтересираните земјоделци ќе може да аплицираат за добивање земјиште. Цената ќе се движи во зависност од класите на земјиштето. Почетната цена нема да биде повисока од 60 денари за квадратен метар, а има опција земјоделците да плаќаат и на рати.

Утврдена е почетна и максимална цена врз основа на класите. Мислам дека од триесет центи до едно евро максимум. Но тоа ќе биде во делот на наддавање за слободните површини. А тие што имаат под закуп и имаат намера да го откупат цената ќе биде скалеста, врз основа на класата која ја поседуваат – нагласи Аријанит Хоџа министер за земјоделство.

Државата на располагање за продажба ќе стави 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште. Сумата која планира да ја собере владата од оваа продажба достигнува и до 300 милиони евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button