Обвинителството за гонење на криминал и корупција засега нема повикано сведоци на испрашување за тендерите за изградба на модуларната болница во Тетово

Обвинителството за гонење на криминал и корупција засега нема повикано сведоци на испрашување за тендерите за изградба на модуларната болница во Тетово. Шефицата на Обвинителството Вилма Русковска во интервју за Радио слободна Европа вели дека тие ја разгледуваат документацијата, ја анализираат и сега треба да се одлучат што понатаму. Евентуално ако се утврди дека нешто во делот на набавките не е во ред ќе се одлучува кој и дали ќе биде повикан, дали како сведок, дали како лице од кое се бараат потребни известувања затоа што тоа се ќе биде во предистражна постапка, додава Русковска.
„Стварно однапред не можам да кажам. Дали воопшто има одговорност прво треба да се види. Ако има некоја одговорност, односно во делот ако е повреден Законот за јавни набавки или во делот, бидејќи посебен закон е донесен за набавка на овие модуларни болници или во тој дел ако е повреден тогаш ќе одлучиме кого ќе распитаме и кого ќе викнеме. Сето останато е во делот што го води Основното обвинителство во Тетово.“