Поројните врнежи во Полошко деновиве го зголемија стравот од нови поплави

Со есента се вратија дождовите во полошко, а со тоа и загриженоста од можни нови поплави во селата кои настрадаа во 2015 година кога имаше и неколку загинати. Ветувањата на власта дека ќе се изградат брани и ќе се воведат други мерки за заштита од поплави, останаа неисполнети. Жителите велат дека немаат друг избор освен да се самоорганизираат за да спречат евентуални нови катастрофи.
„Не само моето село, туку сите се плашат, Требош, Палатица и други. Но, немаме што да правиме, немаме помош од никого. Толку нè плаши кога врне дожд, што и децата стравуваат од тоа“…
„Не прашувај, голем страв, се плашиме како децата, така и возрасните, сите се плашиме кога ќе се расипе времето високо на планината. Чекаме како замрзнати“…
„Пред четири години направија голем маркетинг, ќе правеа брани, ќе прават ова-она, но ништо. Некаде исчистија колку што можеа. Но, празни ветувања. Многу се зборува, а ништо не се прави. Каде што живеам јас, целото маало, сите сме загрозени. Секогаш сме под стрес, страв, вознемиреност“, рекоа жителите.
Пред неколку денови и шефот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, алармираше за можни поплави. Тој дури им порача на општините да преземат навремени мерки, за да не биде доцна, како што се случи со пожарите.
Но, колку навистина општините преземаат некакви мерки? Поголемиот дел од полошките реки, на различни места, имаат затрупани корита. Некаде дури има фрлено мебел и други кабасти предмети.
Од општините во Полошко велат дека самите не можат да се справат со овие проблеми бидејќи немале ниту механизација, ниту доволно пари да ги исчистат реките. Бараат помош од Владата.
„Ние како општина не сме во состојба да го менаџираме ова без помош на владата, бидејќи нашите реки се длабоки. Имаме багер од 3,5 тони и не е за да работи внатре во реките. Може само на страните, но за поголеми работи не можеме. Можеме да кажуваме убави зборови колку сакаме, но ваква е реалноста“, рече Мефаил Мифтари, Директор на Јавното претпријатие Теарце.
Во 2015 година во Тетово, десетици куќи беа оштетени од поплави, а загинаа и неколкумина жители, меѓу кои и малолетно девојче од Шипковица. Стотици хектари засадено земјиште беше уништено. Тогашната влада вети дека ќе ги исчисти реките и ќе ги обнови браните на некои места. Се подготви дури и заеднички проект со УНДП, но оттогаш, ништо не се случи, ниту се изградија брани, ниту се исчистија коритата на реките.
Башким Сулејмани