Пендаровски- Темелите на државава се илинденски и антифашистички

Иако денес тешко е да се даде одговор на големите историски дилеми кои биле актуелни пред многу години, можеме да бидеме сигурни дека ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава, рече претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање во рамки на свечена празнична програма за одбележување на Денот на народното востание, 11 Октомври во Прилеп.
„Сите документи и манифести од НОБ, широката меѓународна поддршка и признание за нашата борба недвосмислено потврдуваат дека само како дел од антифашистичката коалиција можевме да дојдеме до своја и слободна држава“, нагласи Пендаровски.
Според него, имало обиди да се релативизира и маргинализира значењето на НОБ и да се бараат некакви древни корења на државата.
„Темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле, тогаш самите би работеле на уривање на единственото место на светот кое можеме да го наречеме свој дом“, посочи шефот на државата.