
Државата не може да си дозволи замрзнување на цените на гасот и нафтата, како по примерот на некој земји од светот. Во земјава ниту има производство на сопствени енергенси ниту пак има складирани резерви на гас и нафта, велат од Центарот за енергетска ефикасност. Бидејќи енергетската криза е почната, на властите единствено им преостанува да носат мерки за преку субвенции да им помогнат на компаниите. Подоцна доколку е потребно и на домаќинствата за да може да ја надминат кризата.
„Цената на течните горива е регулирана и таа цена е оптоварена со даноци, давачки за екологија, патишта и акцизи. Ако се откаже од данок на додадена вредност и другите придобивки, нема да го полни буџетот, а веќе сме лимитирани во буџетот и позајмивме пари кои нема да може да ги враќаме….“, рече Константин Димитров- Центар за енергетска ефикасност.
Според Димитров, ако Владата има потреба, може повторно да земе кредити за да го поттикне производство и компаниите да не пропаднат. Сепак, енергетската криза покажала слабости на државава.
„Одеднаш ви е јасно дека не се размислувало правилно за кога ќе дојде мала криза, ама сега не е баш мала криза, да бидеме релативно мирни да поднесеме колку можеме побезболно. Е, нема! Сега ќе нè боли бидејќи не сме размислувале навремено“, додава Димитров.
Инаку, покрај складирање на енергенси, на компаниите, според експертите, Владата треба да им ги олесни условите и за поставување на панели за производство на струја, а треба да има помош и за домаќинствата. Во меѓувреме, по одлуката на Хрватска да ги замрзне цените на горивата, Франција донесе одлука да ја замрзне цената на природниот гас до крајот на 2022 година.
Андреа Чобанова