ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Наместо ЗАМРЗНАТИ ЦЕНИ, стопанството предлага ЗАМРЗНАТА ЗАРАБОТКА

Мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи е избрзана и наместо позитивен ефект, ќе придонесе за продлабочување на кризата. Ова е ставот на бизнисмените од Сојузот на стопански комори од каде се жалат дека никој не ги консултирал, пред властите да донесат одлука. Стопанствениците сметаат дека наместо ограничување на цените, треба да се воведе замрзнување на маржите, односно заработката на трговците и фирмите. Со тоа би се спречило нереално зголемување на цените.

Advertisements

„…Уште повеќе ќе се наруши тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните, како што се пристап до основните животни намирници“, вели Горан Ѓоргиевски потпретседател на Агро-комората при ССК.

Само прашање на време е кога добар дел од основните производи ќе ги снема од рафтовите во продавниците, предупредуваат стопанствениците. Решение би се нашло ако се определи минимална цена за суровините и репроматеријалите. Тоа би се направило со активирање на државните стокови резерви. Во меѓувреме, од стопанството бараат државна помош за производството на земјоделски производи. Тврдат дека има драстично зголемување на цените на ѓубривата, семињата и останатите материјали.

„Иако е рано, ние за неколку месеци ќе се судриме со уште поголем проблем. Не се само енергенсите проблем. Во примарното земјоделие има огромен недостаток на минерални ѓубрива. Цената на едно возило пред три месеци ако било 450 евра, сега е 900 евра“, рече Огнен Оровчанец, претседател на Агокомората при ССК.

Владата веќе ги замрзна цените на основните прехранбени производи на ниво како што беа на први декември годинава. Освен лебот, брашното, шеќерот, млекото, сирењето, зејтинот и месото, можно е листата да се прошири и со јајцата, оризот и дел од тестенините.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button