Поплавени земјоделски површини и подруми на куќи во Кочанско

Обилните врнежи од дожд и топењето на дел од снегот на планините Плачковица и Осогово придонесоа за зголемување на водостојот во речните корита во кочанскиот регион и излевање на водата во земјоделските површини и во подрумски простории на куќи во селото Спанчево.
Најкритична е состојбата со реката Зрновка во близина на вливот во Брегалница, чие излевање поплави околу 50 хектари оризови површини и тие се целосно уништени. Целосно е урнат речниот брег во должина од стотина метри и водата непречно поминува низ нивите. Првичните проценки на земјоделците се дека е предизвикана штета од десетина милиони денари.
Причина за поплавувањето подруми и дворови во Спанчево е излевањето на одводниот канал што минува низ селото, чиј капацитет беше недоволен да го прифати зголемениот доток од водотеците.
– Ноќеска интервениравме со три наши и една екипа од Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои со пумпи и друга опрема ја црпеа водата од куќите, а околу два часот по полноќ состојбата беше ставена под контрола. Во интервенцијата се вклучија и вработени од водостопанската подружница „Брегалница“, кои го прекопаа каналот и ја испуштија водата во околните ниви. Наша екипа останува дежурна на терен и го следи развојот на ситуацијата, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.