Струга, општинскиот паркинг плаќа 2.000 евра кирија за 65 квадрати стан?

Новинар: Мики Трајковски
Јавното претпријатие за паркинзи „Еко Струга“ плаќа најскапа канцелариска кирија во Македонија, обвинуваат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците. Според нив, за 65 метри квадратни, цената на закупнината, според кварталниот извештај од август до ноември, изнесувала нешто повеќе од 2.000 евра месечно.
„Еве пример како пропаѓа јавното претпријатие создадено само за да ги краде граѓаните…. Доколку забележите, „Еко Струга“ плаќа 2.050 евра месечна кирија. Ако ги пресметаме годишно 2.050 евра по 12 месеци, излегуваат 24.600 евра“, изјави Аргент Аласани-советник од Алијанса на Албанците.
„За овој квартал се потрошени 2.217 евра месечно или 6.652 евра за третиот квартал, со вклучен персонален данок и ДДВ. И мислам дека овде постои сомнеж за инкриминирачки дејствија и од склучување на договорот и понатамошно исплаќање на закупнини од 1.000-2.000 евра…“, рече Ален Деребан-советник од ВМРО ДПМНЕ.
Опозицијата тврди дека реалната закупнина на ваков простор во приватна станбена зграда во Струга би требало да се движи меѓу 200 и 300 евра. Директорката на јавното претпријатие пак, тврди дека киријата не изнесувала две илјади, туку илјада евра со вклучен ДДВ.
„Тој договор јас го наследив и тој договор јас десет пати пробав да го поништам. Мене ми кажа газдата – доколку го раскинеме предвреме договорот, ќе плаќаме пенали…“, нагласи Гордана Китаноска-директорка на ЈП Еко Струга.
Опозицијата уште обвинува дека ЈП Комунално на име репрезентација во 2021 година потрошило 5000 евра. За новогодишни подароци на вработените 140.000 денари, на што од претпријатието велат дека станувало збор за вредносни ваучери од по 2.000 денари за пазарување во локални продавници./Алсат.мк