ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата и општините во кавга за греењето и струјата

Одговорноста за парно греењето на скопјани не е во надлежност на Град Скопје, туку на Владата. Во буџетот на градот ниту некогаш се планирале, ниту допрва ќе се планираат такви субвенции или мерки, вели градоначалничката Данела Арсовска. Според неа, покрај парното, Владата треба да им помогне на општините за да може да ги платат сметките за струја, кои се петкратно зголемени.

„БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни со мерки за ублажување на ефектите од кризата, веќе пет месеци…“, рече Арсовска.

Според градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, проблемот со парното во неговата општина не е поради долгот којшто го има кон Топлификација-Север, туку самата компанија е во загуби. Голем проблем за Чаир сега стануваат високите сметки за струја.

„Само како компарација, со последниот месец минатата година и овој месец, последната сметка во минатата година плативме приближно 500 илјади денари за електрична енергија за осветлување на Чаир, а овој месец ни е еден милион и четиристотини илјади денари“, изјави Ганиу.

И денеска министерот за економија Крешник Бектеши, со статус на социјалните мрежи го повтори ставот дека не Владата, туку општините треба да креираат мерки за граѓаните.

„БЕГ има законска обврска да обезбеди парно греење, во спротивно може да остане без лиценца, Градот Скопје и општините да креираат мерки за поддршка на граѓаните!“, рече Бектеши.

Претходно и мандатарот Димитар Ковачевски побара помош да обезбедат Градот Скопје и општините. Засега никој нема излезено со конкретни мерки за ублажување на трошоците од енергетската криза.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button