Бучковски заработувал по 1.000 евра месечно за ангажманот со Бугарија

Владата се збогува од Владо Бучковски како нејзин специјален претставник во Софија. Разговорите во иднина меѓу двете земји ќе се водат на повисоко рамниште, а според Бучковски, тој направил сè за да не замре дијалогот меѓу двете земји. Иако, државите не ги приближија ставовите, од Владата тврдат дека Бучковски придонел за одржување пријателски односи во време на предизвици, а на прашање на Алсат потврдија и колку неговиот ангажман ја чинел државата.
„…Беше склучен договор за неговиот ангажман којшто се однесуваше на спроведување и координација на активности поврзани со развивање и унапредување на односите помеѓу двете земји, следење на спроведувањето на Акцискиот план и поттикнување на соработката на сите нивоа меѓу Северна Македонија и Бугарија. За овој ангажман му се исплаќаше месечен надомест од 60.000 денари“, наведоа од Владата.
И од Скопје и од Софија најавија дека разговорите ќе се водат меѓу двете министерства за надворешни работи, како и директно меѓу петте нови комисии кои се очекува да се формираат по барање на новиот бугарски премиер Кирил Петков.
Од МНР во Скопје информираа дека преговорите на техничко ниво засега ги водат работни групи, а интензивирање на дијалогот се очекува по посетата на Петков на Скопје, која е закажана за вторник. Првиот вицепремиер Артан Груби пак, откри и дека месецов може да се одржи и заедничка седница на владите од двете земји и убеден е во брзо решение.
„Убеден сум дека ќе изнајдеме решение во првите шест месеци од оваа година и сме во очекување на посетата на новиот премиер на Бугарија, како и на одржување на заедничка владина седница, исто така во текот на овој месец, со нашиот сосед во Софија“, рече Артан Груби – прв вицепремиер.
И официјална Софија очекува засилени разговори, а заменик претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во интервју за бугарското национално радио истакна дека како тема на разговорите може да се најде и евентуална промена на овластувањата и надлежностите на мешовитата историска комисија.
Лука Андреев