ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Никола Димитров „распали“ по владата, па сите „распалија“ по него

„Палам аларм, има причина за будност“ – вака вицепремиерот Никола Димитров, коментирајќи го спорот со Бугарија, се прости од владината функција. Тој откри дека нема доверба во тимот што ги води преговорите со Софија, бидејќи, како што вели, се чепка во идентитетот, а македонската дипломатија е подготвена на отстапки без за возврат да се добие нешто. Според Димитров, Декларацијата и Рамковната позиција на Бугарија, кои беа потврдени на Советот на претседателот Румен Радев, се понижувачки документи.

„Ние заштитуваме нешто што е многу наше. Ние не бараме нешто од другиот. Македонскиот јазик е интимна наша работа и не е предмет на признавање од било кого, вклучително и од Бугарија. Ние меѓу другото исто така сме независна држава, ние не сме провинција на било која друга држава“, рече Димитров.

Димитров кажа дека бил пречка за лошо решение со Бугарија, па затоа не го сакале ниту „дома“, ниту во Софија. За лошото раководење на процесот тој прстот го впери во шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„Немам целосна доверба во министерот за надворешни, до скорешниот, уште два-три дена, колега, во однос на ова прашање. Имам едно чувство дека таму има еден „драјв“ за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен“, додаде Димитров.

Мандатарот Димитар Ковачевски, за кого Димитров оцени дека не се разбира во надворешна политика, му го понудил амбасадорското место во Вашингтон, но вицепремиерот тврди дека тоа е потег за да го „тргнат на страна“. Димитров, за разлика од Османи, инсистира евентуалното решение да се најде пред пратениците.

Од друга страна, во критиките кон кажаното од Димитров се сплотија и власта и опозицијата. Османи одговори дека неговите позиции се на линија со државните, додека пак премиерот во оставка Зоран Заев и ВМРО-ДПМНЕ прашаа зошто Димитров решил сега да зборува.

„Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, порача Османи.

„Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации“, реагираа од кабинетот на Заев.

„Кариеристот Димитров нека не глуми генерал после војна и дека наводно бил жртва на „злобната” Бугарија, туку тој е жртва на својата неспособност и распродавањето и поигрувањето со државните интереси“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Димитров вели дека досега не зборувал отворено, туку дека битката ја водел „од внатре“, при што кавгите ескалирале во два наврата, во Брисел и Скопје.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button