ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Останува енигма како ќе работи историската комисија

Остана енигма како Скопје и Софија ќе ги решаваат отворените историски прашања, за кои веќе три години се кршат копја во Мешовитата историска комисија. Откако вчера во интервју за БНТ, министерот за надворешни работи Бујар Османи најави промена во начинот на работа на Комисијата, премиерите Ковачевски и Петков денеска умешно ги избегнуваа одговорите на оваа тема и единствено велеа дека прво треба да се создаде добра средина за продуктивен дијалог на историчарите. Ковачевски рече дека историските прашања ќе бидат ставени во втор план, додека пак, Петков кажа дека историската комисија е една од петте кои ќе бидат утврдени во вторник во Софија. Ниту Ковачевски, ниту Петков не најавија промена на методологијата на работата во Комисијата.

Advertisements

„Лично се надевам дека членовите на Историската комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото“, рече Ковачевски.

„Се надевам дека кога ја ставивме Историската комисија да биде една од петте комисии, во рамки на сите тие ползи што би требало да се постигнат од заедничката работа, дури и прашањата што не се се уште изјаснети, тие ќе бидат поставени во една многу поразлична средина. Средина на добар дијалог, средина на конструктивност“, рече Петков.

Прашан како се нарекува народот и јазикот во земјата во која престојува, бугарскиот премиер единствено рече дека Софија го почитува правото на самоопределување на граѓаните на Република Северна Македонија, а Ковачевски пак повтори дека зборува македонски јазик, но додаде дека за прашањето за јазикот останува истата формулација – во билатералните договори со Бугарија за македонскиот јазик ќе пишува дека е официјален јазик според Уставот на земјата.

Токму оваа формулација се користи и во текстот на преговарачката рамка на Брисел, која Софија сѐ уште не ја одобрува, практично ставајќи вето. На барањето на македонските власти, во рамката да не се користи ваквата формулација за македонскиот јазик, засега Бугарија нема одговор.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button