ЕКОНОМИЈА

Ребалансот во вторник на собраниска седница

Граѓаните и компаниите се уште ја  чекаат помошта од  финансиските средства од државата предвидени со четвртиот пакет мерки. Мерките може да стартуваат со реализација само по усвојувањето на ребалансот на буџетот, бидејќи на тој начин се обезбедуваат дел од парите за овој сет мерки. Денеска е седмиот ден од амандманската расправа во собранието, и според деловникот предвидени се уште три дена, но претседателот на Комисијата за финансисрање и буџет Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ за Алсат вели дека вечерва ќе заврши расправата во комисијата.

Advertisements

„Очекуваме до вечер да завршиме со амандманската расправа во Комисијата. Во моментов 14 часот се работи на 71-от амандман, до сега се прифатени четири амандмани од кои три на ВМРО-ДПМНЕ и еден на ДУИ“, рече Муцунски.

Муцунски вели  дека ребалансот пред пратениците на пленарна седница ќе биде на 27-ми овој месец. И собранискиот спикер Талат Џафери на брифинг со новинарите  рече дека очекува ребалансот да го стави на дневен ред на седницата во вторник. Доколку расправата тече по оваа динамика, ребалнсот треба да биде усвоен до крајот на наредната недела, со што се отвора патот помошта да стигне до фирмите и  граѓаните и за месец октомври. Вчера министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека четвртиот пакет мерки нема да доцни.

„Неколку  од мерките почнаа да се реализираат, како бескаматните кредити, викендот без ДДВ, а што се однесува до исплата на платите секако дека ќе стигнеме со исплата на октомвриската плата“, рече Бектеши.

Четвртиот пакет  предвидува 31-на мерка. Државна помош е предвидено да добијат вработени кои работат во фирми погодени од кризата, самохрани родители, пасивни баратели на работа, самостојни уметници, студенти,  пензионери чии пензии не надминуваат 15 илјади денари.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button