Граѓанскиот суд нема можности да спроведе он-лајн судење

Министерот за правда, тврди дека судството може да функционира он лајн, но дел од еснафот вика, засега не. Претседателот на Граѓанскиот суд, Илир Сулејмани за Алсат посочува дека постапката воопшто не е едноставна. Треба измена на процесните закони, во случајот на Законот за парнична постапка, на Судскиот деловник, на Закон за управување со предмети. Иако имало волја кај судиите и администрацијата, без законски измени, он лајн судење засега е тешко изводливо.
„Моментално, не е дали судиите, судот сакаат или не сакаат судењето да биде он лајн. На крај, во вакви општествени околности со ковид ситуацијата, никој не сака да се доведе во ризик со физичко присуство, ниту странките ниту судиите, но за да дојдемe во таа ситуација треба да смениме многу законски решенија“, рече Илир Сулејмани, Претседател на Граѓански суд.
Освен клучната измена на процесни закони, проблем е и техничката опременост на судовите. Ќе треба да се трошат пари за нови компјутери, како и технологија за он лајн судење. Сулејмани го известиле од информатичиот сектор, дека Грѓанскиот суд нема таков капацитет. Немаат финансиска рамка колку би чинело организирањето на он лајн судења за 55 судии, кои годишно во просек секој суди по 220 предмети.
„Во Граѓанскиот суд, знаете имаме пет одделенија. Ние имаме тука и стечајни предмети и сега јас не знам како едно Собрание на доверители каде се појавуваат педесет луѓе, тоа би функционирало и како законодавецот ги предвидел тие моменти. Тоа е уредено со Законот за стечај кој е процесен и материјален Закон“, додава Сулејмани.
Порака дека судството може да функционира он лајн, вчера испрати министерот за правда Бојан Маричиќ. Од ресорното министерство немаат прецизно појаснување дали има политички договор за да се сменат процесните закони за парнична и кривична постапка за кои треба двотретенско мнозинство за да има законски можности за он лајн судење. Информацијата е дека Министерот за правда ќе има средби со сите претставници на правосудството околу најавата за он лајн судење.
Бојан Стојановски